Доизградбата на железничката пруга кон бугарската граница, за којашто се зборува 20 години, станува реалност. Вчера во Скопје беше потпишан договор со германската компанија Вибе", која наредната година во март ќе почне со реконструкција на железничката делница Куманово-Бељаковце, во должина од 31 километар. "Вибе" беше избрана за најповолен понудувач на тендерот што го распиша "МЖ-Инфраструктура", бидејќи за целосна реконструкција на оваа делница од трите предвидени, Куманово - Деве Баир, понуди 39.753.000 евра, а Македонија од ЕБОР обезбеди кредит во износ од 46,4 милиони евра. Волфганг Кертен од компанијата Вибе" изјави дека проектот ќе го реализираат за две години.
Доизградбата на железничката пруга кон бугарската граница, за којашто се зборува 20 години, станува реалност.
Вчера во Скопје беше потпишан договор со германската компанија Вибе", која наредната година во март ќе почне со реконструкција на железничката делница Куманово-Бељаковце, во должина од 31 километар. "Вибе" беше избрана за најповолен понудувач на тендерот што го распиша "МЖ-Инфраструктура", бидејќи за целосна реконструкција на оваа делница од трите предвидени, Куманово - Деве Баир, понуди 39.753.000 евра, а Македонија од ЕБОР обезбеди кредит во износ од 46,4 милиони евра.
Волфганг Кертен од компанијата Вибе" изјави дека проектот ќе го реализираат за две години.
- Работите треба да почнат на 17 март 2014 година, но претходно имаме исцрпни планирања, состаноци и подготовки пред официјално да ги почнеме работите.Нашата цел е да оставиме што е можно повеќе пари во државата. Ќе фокусираме на тоа материјалите да ги набавиме од вашата држава и да ангажираме локално население за работа на проектот. Секако, шините мора да бидат купени надвор од вашата држава - посочи Кертен.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, нагласи дека добил уверување од "Вибе" дека доколку дозволат временските услови, градбата може да почне и порано, затоа што веќе се присутни во Македонија.
Според проектот, "Вибе" ќе треба да изврши рехабилитација и доизградба на горниот и на долниот строј на железничката пруга Куманово - Белјаковце, а предвидени се и три странични згради, четири стојалишта, три мостови, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, пет километри станични колосеци, пристапни патишта со новопроектираните подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна инфраструктура. По пругата ќе се вози 120 километри на час.
Според Јанакиески, за другите две делници - од Бељаковце до Крива Паланка (34 километри) и од Крива Паланка до Деве Баир (24 километри) - се преземаат активности за подготовка на документацијата и обезбедување пари.
- Основниот проект за секцијата Бељаковце - Крива Паланка треба да биде готов до првиот квартал од 2015 година, по што се очекува да почне изградбата, која би чинела 144 милиони евра. Се планира парите да се обезбедат од меѓународни финансиски институции. За последната делница, која ќе биде најскапа (околу 360 милиони евра) поради тешкиот терен, во тек е подготовката на документацијата за објавување повик за избор на консултанти кои ќе ја изработат проектната документација. Очекувам дека во текот на 2014 година ќе склучиме договор за изработка на проект, затоа што во моментов се изработува дополнување на физибилити-студијата и на студијата за животна средина што ќе заврши до април, по што ќе има јавен повик за избор на консултант кој ќе изработи вкупна документација на ниво на главен проект. Се предвидува да се склучи договор кон крајот на 2014 г. и проектот да се изработи до 2016 година, а градбата да почне во 2017 година - рече Јанакиески, кој напомена дека и Бугарија ги презема сите активности од своја страна.
- Бугарија веќе аплицираше за средства од европските фондови за рехабилитација на дел од пругата кој би го користела Македонија кога ќе се поврземе. Исто така, знаат каде треба да биде вкрстувањето на делниците. За последните два километри ќе обезбедат средства за проектирање и бидејќи трасата е мала, финансирањето ќе го направат од својот буџет - појасни Јанакиески.